Постапките на европратеникот Илхан Ќучук, кој всушност треба да ја претставува Бугарија во Европскиот парламент е национално предавство, изјавил бугарскиот пратеник од редовите на партијата „Има таков народ“, Тошко Јорданов.
Пратеникот истакнал дека Ќучук е известувач за напредокот на Република Северна Македонија во ЕП и како што нагласи, вчера го отстранил од нацрт-извештајот амандманот 18, кој ги вклучува сите билатерални прашања меѓу Скопје и Софија, „како и сите точки за етничкиот прогон и проблемите на лицата со бугарска самосвест во Северна Македонија“.
„Што предлага Ќучук од ДПС? Тој всушност предлага да се исфрлат текстовите за вклучување на Бугарите во уставот на РСМ, да се отфрли потребата историјата да се заснова на оригинални документи и да се отфрлат текстовите против злосторствата од омраза врз Бугарите во земјата“, посочил Јорданов, пренесува „БТА“.
„Ова национално предавство започна овде, во оваа сала, со националното предавство на партиите кои го симнаа ветото за Северна Македонија“, критикувал Јорданов.
Според неговите зборови, национални предавници се ГЕРБ, ДПС, „Продолжување на промените“, „Демократска Бугарија“ и БСП со нивната „лицемерна апстиненција“.
„Секој претепан Бугарин, секој запален клуб, секое запалено бугарско знаме ви тежат на совеста“, обвинил тамошниот пратеник.