„Партиска книшка штити од загадување“: Граѓаните и невладините излегоа на втор протестен марш за чист воздух

од Nikola Popovski
31 прегледи

„Буџетот е магичното стапче за загадувањето“, „Партиска книшка штити од загадување“, „Од смогот не се гледа иднината“. Со овие пароли скопјани по втор пат излегоа на протестен марш против аерозагадувањето. Маршот започна пред Министерството за животна средина и покрај Собранието и Владата, заврши пред бараките на Град Скопје.

Организаторите на протестот, предводени од „Зелен хуман град“, „О2 иницијатива“, „Независни за Карпош“ и други невладини здруженија, испратија четири барања за сузбивање на аерозагадувањето во Скопје.

„Првото барање е континуиран јавен мониторинг на индустриските капацитети точно да се знае кој и како загадува. Второто барање се однесува на еколошко затоплување на објекти како што е Детската клиника во Козле, која се уште се грее на нафта. Третото барање е да се реши автоцентризмот во градот, со приоритет на јавниот превоз и велосипедите пред автомобилите и четвртиот услов е подобро управување со отпадот“, изјави советникот во Град Скопје, Борјан Јовановски од иницијативата „ЗХГ“.

Невладините бараат Владата и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето. Од итните мерки бараат Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот утврден според член 145, став (2), алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно на ограничувањето на брзината во населени места од 50 km/h).

Се бара и забрана за увоз во земјата на половни возила постари од 10 години и под ЕУРО 5 стандардот, како и увоз на нови возила со стандарден минимум ЕУРО 6.

„Бараме да се изготви план за сообраќаен режим кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачките материи и доколку трае повеќе од 24 часа. Имплементацијата треба да опфати координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и Министерството за внатрешни работи. Планот нужно мора да вклучува и намалување на цената на јавниот превоз во денови со алармантно зголемување на загадувањето“, се вели во едно од барањата на невладините здруженија.

Владата неодамна соопшти дека со зајакнати контроли и забрани ќе се бори против енормното загадување. Со цел заштита на животот и здравјето на граѓаните и намалување на емисиите на загадувачки супстанции при алармантно загадување на воздухот, донесен е Акциски план со краткорочни мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции. Исто така донесена е наредба за воведување на десет мерки за намалување на емисиите на загадувачки супстанции кога ќе го надминат дозволениот праг. 

Во Македонија годишно од загаден воздух умираат околу 3.400 луѓе, што претставува 17-19% од вкупната смртност. Главни извори на загадување се загревањето на домаќинствата и јавните објекти, сообраќајот и ресуспендираните честички.

Според Светската здравствена организација, загадувањето е опасно по здравјето ако просеците на ПМ10 честичките надминуваат 45 микрограми на метар кубен во 24 часа, додека за честичките ПМ2,5 надминувањето во просек не треба да биде повеќе од 15 микрограми на метар кубен на ден.

Слични содржини