Партиски вработувања во културните институции пред избори!?

Ова се коси со Изборниот законик, кој вели дека до завршувањето на изборите, не смее да има нови вработувања под државната капа.

од Бисера Трајковска
50 прегледи

Иако во тек е изборната кампања, сепак и во овој период се вработуваат луѓе во културните институции во државатa, потврдија извори од Синдикатот на културни работници (СКРМ). 

Ова се коси со Изборниот законик, кој вели дека до завршувањето на изборите, не смее да има нови вработувања под државната капа.

Нашите извори велат дека е можно да постојат поединечни инцидентни случаи ако некаде по јавните институции (музеи) со сопствени средства се ангажира договорец времено без стаж. Сепак, и ова е противзаконски.

По однос на оваа тема, „Локално“ испрати прашање до Министерството за култура, но до сега не добивме одговор.

Согласно законот, од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на градоначалници, не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

Локалните избори се закажани за на 19 октомври а две недели потоа ќе биде и вториот круг на локалните избори.

Б.Т.