Изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе започне од септември 2020 година, велат од МВР. Во меѓувреме се издаваат лични документи со името „Република Македонија“, кои ќе мора да се сменат до почетокот на 2024 пренесува Радио Слободна Европа.
Пасоши и други лични документи со новото име „Република Северна Македонија“, граѓаните ќе може да извадат дури од септември, велат од МВР.
„Согласно спроведената постапка за набавка и испорака на нови видови на обрасци за лични документи (патни исправи, лични карти, возачки дозволи, службен пасош, дипломатски пасош, пасош за странец, дозвола за привремен престој, дозвола за постојан престој), склучена е Рамковната спогодба на 05.12.2019 како и Договор за нарачка на 11.12.2019, помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Veridos GmBH Berlin – Германија за испорака на обрасци за лични документи. Со изработка на нови лични документи кои ќе бидат со името Република Северна Македонија ќе се започне од септември 2020 година“, стои во писмениот одговор од МВР.