Од синоќа на полноќ истече преодниот рок од пет години, односно одредбата од Преспанскиот договор, со која престануваат да важат патните исправи и документите за меѓународна употреба кои го содржат старото име на државата, Република Македонија.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи во петокот на брифинг со медиумите рече дека македонските државјани кои по 12 февруари биле затекнати во странство и имаат стари патни исправи ќе можат да се вратат во земјава со патен лист, издаден во дипломатско-конзуларните претставништва.
За разлика од пасошите, личните карти ќе важат, но само на територијата на нашата држава. Граѓаните со старите патни исправи воопшто да не се обидуваат да излезат од државата, апелираат од полицијата. Оние со двојно државјанство ќе можат непречено да ги користат исправите од другите држави. За оние држави со кои имаме билатерални договори за патување со лична карта, граѓаните нема да бидат враќани од нашите гранични полициски службеници, доколку се со старите лични карти, но не гарантираат дали ќе бидат примени во другите држави.
Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека согласно Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, усвоен на денешната седница на Собранието на Република Северна Македонија, возачките дозволи и возачките книшки со името Република Македонија ќе важат до истекот на рокот на важење кој е наведен на возачката дозвола, најдоцна до 31 декември 2024 година.
Возачите треба да дојдат во станиците за технички преглед со сопственото возило каде ќе пополнат барање, а со себе треба да понесат сообраќајна дозвола и лична карта. Налепниците „НМК“ треба да бидат ставени на регистарски таблички од контролорите.
Договорот од Преспа стапи на сила на 12 февруари 2019 година, а пасошите со старото име истекоа пет години подоцна. Договорот од Преспа беше потпишан на 17 јуни 2018 година, а уставните амандмани за промена на името во Северна Македонија беа изгласани во Собранието на 11 јануари 2019 година.
По објавувањето на измените во Службен весник во февруари 2019 година, петгодишниот рок почна да тече согласно Договорот.