Патеката околу лавиринтот ќе биде покриена со тартан материјал, вели директорот на „Улици и патишта“

од Nikola Popovski
257 прегледи

Директорот на ЈП „Улици и патишта Скопје“, Борис Настов денеска информира дека непотребни се тензии во почетната фаза на реконструкција на патеките во Градскиот парк во делот кај лавиринтот, дури не се заврши целосно реконструкцијата.

-Патеката околу лавиринтот се обложува за бондирање и ќе биде покриена со тартан материјал, останатите патеки кои се со оштетен асфалт само се реконструираат со нова асфалтна маса и онаму каде што ќе биде потребно заради поголема пристапност на барање на граѓаните, истакна Настов.

Според него, патеките кои се со ризла ќе бидат обновени со нов слој ризла.

-Затоа апелирам до граѓаните за трпение при изведба на работите дури да се дојде до крајниот резултат и сигурен сум дека ова ќе биде најпријатното катче од Градскиот парк и за најмладите генерации, за лицата со физичка попреченост и за сите останати граѓани кои досега имале отежната пристапност во тој дел, изјави Настов.

Големи реакции и негодувања предизвика вчерашното асфалтирање на патеки во Градскиот парк, посебно делот околу малиот лавиринт. Многумина истакнаа дека овој дел од паркот е стар повеќе од еден век и е природно наследство, и дека никојпат никому не му текнало да асфалтира тука зашто асфалтот ги зголемува температурите, особено лете кога се загрева од 48-67 степени.

-Во Градскиот парк во Скопје, во таканаречениот турски дел (паркот е подигнат на почетокот на 20 век), постојат (постоеја, сега веќе не) земјени пешачки патеки, останати таму како традиција. Стојат така повеќе од сто години. До денес???? Денес дојдоа новите ветришта, напиша поранешниот градоначалник Петре Шилегов на Фејсбук.

Од иницијативата „Зелен хуман град“ со официјален допис побараа Град Скопје да прекине со асфалтирање на пешачките патеки во Градски парк и да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а се платени од јавни пари.

Слични содржини