Членовите на Комисијата за заразни болести (КЗБ) денеска информираа дека пациентот од Кичево за кој се уште не може да се потврди дали е заразен со мајмунски сипаници, завчера се јавил на доктор и веднаш е стапена комуникација со лекари од Инфективната клиника и епидемиолози.
-Поставено е сомневањето врз основа на клиничката презентација и му е понудено тестирање. Во тој момент одбил да се тестира и не се пријавил во Инфективната клиника, после што се известени лекарските служби од Битола и тие реагирале веднаш. Ангажирана е матичната лекарка на пациентот и комуникација е воспоставена. Епидемиологот од Битола двапати бил кај него дома, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е во интерес на сите, изјави денеска претседателот на КЗБ, д-р Александар Петличковски.
Тој појасни дека нема законска можност да се присили лицето да се тестира.
-Никаде во светот не се прави за оваа болест и не следи задолжителна изолација, таа е во облик на препорака. Се надеваме ќе преработи свеста, констатира Петличковски.
Портпаролот на комисијата, д-р Злате Мехмедовиќ објасни дека постои можност да се побара здравствен надзор.
-Тој може да се активира веднаш, но да оставиме простор. Здравствен надзор значи дека со помош на ДСЗИ и МВР лицето ќе бидел лоцирано и изолирано , ќе се спроведе тестирањето и ако е позтивен ќе биде спроведено лекувањето. Препораките се дека нема мерки за никој додека не развие симптоми. Имаме набавено околу 3300 тестови, објасни д-р Мехмедовиќ пред медиумите.