Паунов: Дали е нормално кога возрасен маж со возило за време на настава бара да оди на „кафе“ со малолетно девојче од 13 години?

од Nikola Popovski
398 прегледи

Градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов останува на својот став дека вчера во основното училиште „Страшо Пинџур“ имало обид за грабнување на основци. Тој денес на социјалните мрежи сподели дека од исказите на учениците и сведоците но и од доказот што едниот ученик земал пари од непознатото лице (кои подоцна ги предал на полицијата) и од надзорните камери се утврдува дека имало таков обид.

-Дали е нормално кога возрасен маж со возило за време на настава бара да оди на „кафе“ со малолетно девојче од 13 години и притоа девојчето видно вознемирено го пријавува случајот во училиштето, а училиштето до МВР, да се земе како случај кој не бил обид за такво нешто, прашува градоначалникот, откако МВР демантираше дека дошло до обид за киднапирање.

Паунов вели дека добивал закани поради ваквата ситуација.

-Ниту една закана од страна на министерот Спасовски, ниту една закана од страна на доушниците кои ги испраќате нема да не исплашите да реагираме на вакви непосакувани ситуации. Моја грижа се жителите на мојата општина Карбинци, децата во училиштата, градинката и секој граѓанин во оваа општина! Политиката да ја тргнете надвор од реалната ситуација а безбедноста да ја подобрите во интерес на сите граѓани. Кога имате пријава од страна на директор на училиште и градоначалник на општина со индиции за ваков случај ова треба да биде сфатено и постапено со нај сериозен пристап. Со вакви изјави на министер, нервоза и потење пред камерите, граѓаните не се чувствуваат безбедни во Карбинци, напиша градоначалникот на својот Фејсбук профил.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вчера порача дека најстрого ќе бидат санкционирани сите оние кои шират страв и несигурност кај граѓаните со лажни вести. Ова следува откако се прошири информација дека две лица се обиделе да внесат во автомобил девојче од пред училиште во Карбинци.

Спасовски апелираше дека не смее да се употребува трагедијата за политички цели и порача дека да се добиваат политички поени на мртви души и го спомена токму Паунов.

Градоначалникот вчера во изјава за медиумите порача дека имало обид за грабнување на деца, овојпат од училишен двор.

Слични содржини