Јасмина Пауновиќ, обвинителката на Вишото јавно обвинителство во Белград, денеска за „ФоНет“ изјави дека обвинението покренато против 13 лица поради падот на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад не ги исполнило барањата на студентите, затоа што паричните текови и корупцијата не се вклучени како главен проблем.
„Студентите бараат кривична одговорност за корупција. Немаме одговори дали имало јавна набавка? Ако постоеше, како се избираа фирмите? Ако немаше јавна набавка, како можело да се спроведе без неа? Колку навистина чинеле овие дела? Дали имало анекси на договорот и кој ги склучил? “, наведе таа низа прашања поврзани со падот на настрешницата во Нови Сад, по кој загинаа 15 лица, а две се тешко повредени.
Според неа, корупцијата во конкретен случај може да се докаже доколку се следат паричните текови на фирмите кои учествувале во изградбата на Железничката станица во Нови Сад.
„Треба да видиме колку и што е платено на кого, по кој основ, за да може да се зборува за вистинската кривично-правна одговорност на лицата кои учествувале во оваа градба“, рече Јасмина Пауновиќ.
Истакна дека нема такви информации во обвинителниот акт поднесен денеска, бидејќи кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите не се и не можат да се класифицираат како кривични дела за кои може да се води финансиска истрага и да се утврдат тековите на пари.
„Потребна е нова истрага за нови кривични дела, евентуално за некои други лица, за да се спроведе таа финансиска истрага. Тоа во овој случај не е можно“, објасни соговорничката на „ФоНет“.
Пауновиќ оцени дека обвинението е неочекувано брзо покренато за вакви кривични дела, бидејќи во вакви случаи вообичаено е обвинението да се покрене во рок од шест месеци.
Обвинителката оценува дека студентските протести го забрзале поднесувањето на обвинителниот акт, но и посочува дека тоа не мора да значи дека не е основано и дека ќе падне.
„Ќе кажете обвинителот работел само на тој случај, дека најверојатно имал колеги кои му помагале. Така што, сепак, многу е оправдано што може толку брзо да се подигне обвинението“, рече Јасмина Пауновиќ.
Таа забележува дека сега на ред е Вишиот суд во Нови Сад кој треба да го потврди обвинението.
Се осврна и на дисциплинската пријава што против неа беше покрената поради медиумските настапи и изјавите што ги даде во врска со падот на настрешницата во Нови Сад.
„Обвинителството треба да покрене опсежна истрага која ќе не доведе до сите сметки на фирмите кои извршиле одредени работи во врска со реновирањето на железничката станица во Нови Сад. Наместо тоа всушност да се случи, добив дисциплинска пријава. Сè уште верувам дека сум во право и дека мораше да се спроведе таква истрага за да се најдат вистинските одговорни за трагедијата во Нови Сад“, заклучи Јасмина Пауновиќ, која до февруари минатата година работеше во Специјалното одделение за борба против корупцијата.
Со одлука на надлежен главен јавен обвинител, таа е распоредена во генералниот оддел на Вишото јавно обвинителство во Белград.