Дел од компаниите што увезувале јужно овошје во нашата држава намерно имале шпекулативен однос кон пазарот и тие артикли не ги појавувале со цел цената да се зголеми, појасни директорот на Државен пазарен инспекторат Стојко Пауновски, одговарајќи на новинарско прашање за високите цени во маркетите, наспроти владината одлука за најголемата маржа што може да ја применуваат на јужното овошје.
Нагласи дека контролите што ги вршат, особено кај големите трговци со јужно овошје, малку ќе мора да потрае за најпрво да се видат залихите што ги имале, а што набавувале после 11 март, со цел да се утврди најголемата маржа што може да ја користат.
– Верувам дека лимоните ќе бидат поскапи, но нема да бидат овие цени како денеска, што има и до 50 проценти разлика. Ако имале разлика во цена од 1 јануари до 11 март – 20 до 25 проценти, нивото на маржа ќе мора да го вратат на тоа ниво, изјави Пауновски.
Според Пауновски во најголем број случаи се почитува одлуката на Владата и во маркетите цените се вратени на ниво на 11 март годинава.
– Во случаи кога цените не се вратени, со наредба на Државниот пазарен инспекторат цените се враќаат и на рафтовите, во книговодството и во фискалниот апарат, изјави Пауновски.
Нагласи дека има јавувања на бројот 191, од граѓани во населени места што се поодалечени за зголемување на цените на основните артикли.
– Нашите инспектори и таму постапуваат. Онаму каде што нема да извршат намалување, односно корегирање на цената со 11 март од страна на инспекторите, казните се големи. Согласно Законот за трговија изнесуваат 8 илјади евра за правно лице и 2.400 евра за одговорното лице. Затоа апел да ги почитуваат одлуките и да ги вратат цените на нивото на 11 март годинава, изјави Пауновски.
Тој, уште еднаш упати апел до граѓаните да го користат бројот 191 и да ги јавуваат сите непочитувања на одлуката.