„Ги негирам изнесените невистини од страна на министерот за економија Крешник Бектеши дека иако сме имале акредитирана лабораторија, истата не сме ја користеле“, се огласи на социјалните мрежи, поранешниот директор на Државниот инспекторат Стојко Пауновски по прес-конференцијата на министерот за економија, Крешник Бектеши.
Според него, вистината е дека таква лабораторија беше набавена во 2019 година од страна на Владата, „а јас, премиерот Зоран Заев и министерот Крешник Бектеши истата ја промовиравме заедно во јавноста како проект кој ќе ни помогне да вршиме квалитетна и независна контрола на нафтените деривати“.
„Тоа требаше да биде револуција бидејќи дотогаш (и се уште), нафтената индустрија во земјава, иако претставува еден од најголемите загадувачи на животната средина, повеќе од една деценија е оставена сама да си го контролира квалитетот на горивата. Лаборатијата никогаш не ни беше дадена и истата не е употребувана од наша страна, бидејќи министерот за економија не дозволи таа да оди под владение на Пазарниот инспекторат. За тоа две години се води и спор помеѓу Инспекторатот и Бирото за метеорологија, на кого и беше доделена лабораторијата“, објави Пауновски.
Бектеши денес изјави дека не сака да го користи зборот лага, но директорот на ДПИ кажал многу невистини, имајќи во предвид дека токму оваа мобилна лабораторија, можело да се користи за такви проверки, а тој ниеднаш не се обратил и не ја известил Владата.
„Пауновски продолжил да ги користи приватните лаборатории“, рече Бектеши и додава дека тие како министерство не се надлежни да се мешаат во работата на инспекторатите.