Пауза за цигари во Австрија завршила со држење за воз при 230 км/ч

од desk2
29 прегледи Фотографија: ©ÖBB/Harald Eisenberger ©

Маж преживеал чудно и ризично патување, откако извесно време се држел за надворешната страна на австриски брз воз, соопштија Државните железници на Австрија. Возот тргнал додека тој пушел на перонот. Вратите биле затворени и тој скокнал во делот меѓу вагоните.

Инцидентот се случил во саботата вечерта во Санкт Пелтен, западно од Виена. Портпаролот на Австриските железници Херберт Хофер изјави дека човекот се фатил за надворешната страна на возот и подоцна бил примен внатре, откако возот итно запрел.

„Ова е неодговорно, таквите работи обично завршуваат со смрт“, рече Хофер. „Не се ставате во опасност само себеси – ако завршите под возот, туку се и спасувачите, полицијата, пожарникарите што доаѓаат“, додава тој.

Воз кој може да вози до 230 км/ч
Возот Railjet сообраќал од Цирих до Виена, навреме го напуштил Санкт Пелтен, но пристигнал во главниот град со седумминутно задоцнување. Возовите Railjet може да возат до 230 километри на час.

Според наводите на патниците што ги пренесува австрискиот таблоид „Хојте“ (Денес), човекот скокнал во просторот меѓу двата вагони откако возот тргнал по планираното застанување во Санкт Пелтен. Еден патник рекол дека човекот го искористил застанувањето на возот за да запали цигара на перонот.

Итно сопирање и апсење
Наскоро почнал да тропа по прозорците за да привлече внимание, што довело до тоа кондуктерот да ја активира сопирачката за итни случаи. Персоналот на возот потоа го пуштил да влезе. „Кондуктерот навистина многу го искара“, рече патникот.

Според пишувањето на „Хојте“, станува збор за 24-годишен Алжирец, кого полицијата го привела ткако возот пристигнал на станицата Мајдлинг во Виена. Полицијата сѐ уште не дала изјава за неговата позадина, се чекаат резултатите на истрагата.

Во јануари, 40-годишниот Унгарец го преживеа возењето држејќи се за германски брз воз на возење долго 32 километри, исто така по возот што тргнал пред да ја заврши цигарата.