Во очекување на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 по барањето за притвор за повеќе лица од страна на Специјалното јавно обвинителство, се поставува прашањето за имунитетот на пратениците за кои е побаран притворот.

СЈО, меѓу другите, бара притвор и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и поранешната министерка Елизабета Канческа-Милевска, обајцата пратеници во Собранието на Република Македонија.
Пратениците уживаат имунитет, кој може и да биде одземен според соодветна процедура пропишана во член 53 од Деловникот на Собранието.
Доколку судот денеска го прифати барањето за притвор на пратеник, тогаш за тоа ќе мора да одлучи и Собранието, пишува МКД.
Во таков случај, одлуката на Кривичниот совет на судот би требало да се испрати до претседателот на Собранието. Потоа за ова, во рок од два дена, ќе треба да заседава собраниската Комисија деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Претседател на оваа комисија е пратеникот Павле Богоевски од листата на СДСМ. Комисијата во тој рок од два дена треба да достави извештај до претседателот на Собранието, по што има рок од три дена до кога и Собранието треба да одлучи за или против одземање на имунитетот на пратеникот.
Одлуката на Кривичниот суд по барањата за притвор треба денеска да се донесе до 15-16 часот, 24 часа по вчерашното предавање на материјалите од страна на СЈО.
Член 53 од Деловникот на Собранието
1) Пратеникот ужива имунитет од денот на верификацијата до денот на престанокот на мандатот.
(2) Барањето за одобрување на притвор на пратеник, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието. Ако барањето не е доставено од надлежен орган, претседателот на Собранието за тоа го известува органот.
(3) Известувањето дека пратеникот е притворен затоа што е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години, надлежниот орган го поднесува до претседателот на Собранието.
(4) Надлежниот орган го известува претседателот на Собранието за притворот на пратеникот и кога тој не се повикал на имунитетот.
(5) Претседателот на Собранието, барањето за одобрување на притвор, односно известувањето дека пратеникот е притворен веднаш го доставува до Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Комисијата е должна да го разгледа барањето, односно известувањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
(6) За седницата на Комисијата се известува и пратеникот на кого се однесува барањето.
Член 54
(1) Врз основа на извештајот на Комисијата за деловнички и мандатно- имунитетни прашања, Собранието најдоца во рок од три дена од добивањето на барањето за притвор на пратеникот, одлучува по барањето.
(2) По известувањето за притворање на пратеник кој не се повикал на имунитет, Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник, ако тоа е потребно за вршење на функцијата пратеник.
Член 55
Одредбите од овој деловник што се однесуваат на имунитетот на пратениците, соодветно се однесуваат на имунитетот на претседателот на Владата./МКД