Универзитетската професорка и поранешна пратеничка, Ана Павловска-Данева стана нова уставна судијка. Таа на денешната собраниска седница беше избрана со 65 гласови „за“ и 26 „против“. По гласањето, ја кажа и потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.
Претседателот на Собранието, Јован Митрески кажа дека на Павловска-Данева ѝ престануваат сите останати јавни функции и професии кои ги обавувала и членувањето во политичките партии.
Опозициските пратеници во расправата кажаа дека сè додека СДСМ и ДУИ се на власт, судството ќе биде неефикасно во борба со корупцијата, ќе биде партизирано и под политички притисоци и не веруваат дека Павловска-Данева ќе придонесе да се подобри довербата во судството која сега е 0 проценти.
Владеачката СДСМ претходно ја повлече кандидатурата на поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески за уставен судија. Тој побара објаснување, бидејќи како што рече, нанесена му е штета.