Павловска-Данева: Правото на апанажа во нашата држава е прешироко утврдено

од Vladimir Zorba
611 прегледи

Правото на апанажа која во јавноста предизвика огромен број реакции, од кои најголем број негативни, според професорката  Ана Павловска-Данева, во нашата држава е прешироко утврдено.

Во изјава за „Локално“ таа посочува дека примамливите материјални и финансиски привилегии треба да бидат достапни само на пратеници, министри и шефови на држави. Дури и во однос на таа категорија, вели треба да постојат повисоки критериуми за стекнување на ова право.

На пример, во Велика Британија, пратеник кој бил на функција помалку од две години нема право на апанажа“, коментира Данева.

Проблемот околу привилегиите на функционерите, според неа е производ на  сите други непотребни трошоци кои се прават за време на мандатот. Потсетува и дека смислата на апанажата е да му се помогне на пратеник или министер кој професионално се бави со политика за после подолг низ години вршење на функција да се  снајде на пазарот на труд.

Но ваквата логика според неа, останува без смисла во нашата држава бидејќи лица без никакво работно искуство добиваат највисоки државни функции, па по истекот на само 2-3 години, остануваат без  работна позиција. „Затоа, наместо да се укинува правото на апанажа на оние кои го заслужуваат (политичари од кариера), потребно е партиите да престанат Собранието и Владата да ги перцепираат како институции за вработување на своите кадри“,заклучува Данева.

Како го коментирате предлогот на пратениците на Левица, преку предлог закон да се укине апанажата?

-Предлог законските решенија на Левица не сум ги видела, но генерално апанажата како финансиска бенефиција по престанок на мандат на пратеници, министри и шефови на држави постои во сите држави. Се разбира, уредено е ова прашање на најразлични начини, преку различни формули за пресметување, а износите за исплата во некои држави ги утврдуваат посебни независни тела.

Се чини дека јавноста кај нас  е особено „чувствителна“ во однос на  ова право на финансиска бенефиција на функционерите. Дали и каде треба да се стават рамки за тоа кои категории и ешалони од власта треба да ја добијат?

-Несомнено дека кај нас правото на апанажа е прешироко утврдено, односно се дозволуваат материјални и финансиски привилегии на многу широк круг лица. Според мене, ова право треба да биде ограничено само на пратеници, министри и шефови на државата. Понатаму, треба да постојат повисоки критериуми за стекнување на ова право, на пример во Велика Британија, пратеник кој бил на функција помалку од две години нема право на апанажа. Износот на апанажата се утврдува во зависност од активностите на пратеникот за време на мандатот, дали раководел со работни тела, имал ли отворена канцеларија за средби со граѓани и сл. Поранешни премиери и шефови на држави понекогаш имаат и доживотни исплати на финансиски средства од буџетски пари, така што тоа за воља на вистината не е случај само во нашата земја.

Што значи во финансиска смисла апанажата за државата? Дали сметате дека  таа ги  става во привилегирана категорија политичарите  бидејќи добиваат време да се снајдат на пазарот на труд, бенифиција за која останатите смртници можат само да сонуваат?

-Она што кај нас претставува проблем околу привилегиите на функционерите се следниве недоволно регулирани прашања кои доведуваат до изигрување на суштината на законите: енормно високи исплати за патни трошоци; злоупотреба на средствата доделени за живеење на функционерите за време на нивниот мандат; непостоење критериуми за добивање на т.н. месечни хонорари за вршење на функции во различни управни, надзорни одбори и сл. Сето тоа, заедно со апанажите доведува до голем трошок за државниот буџет, а реално сметам дека самото право на апанажа како привилегија по завршување на функцијата има смисла, но тоа кај нас се девалвира заради другите непотребни трошоци кои се прават за време на мандатот. Најверојатно би се објективизирала состојбата доколку за секое барање за апанажа се одлучува непристрасно, од случај до случај, барањето да се прифати онаму каде што навистина има потреба доколку се исполнети пропишани законски критериуми, кои кај нас, за жал, не постојат. Смислата на апанажата е да му се помогне на пратеник или министер кој професионално се бави со политика (што исто така кај нас е редок случај), па после подолг низ години вршење на функција, тој/таа тешко ќе се снајде на пазарот на труд. Во светот ретки се лицата кои без никакво работно искуство добиваат највисоки државни функции, па по истекот на само 2-3 години, остануваат без  работна позиција, а немаат сериозно професионално искуство освен можеби политичкото кое исто така е дискутабилно ако траело кус временски период. Кај нас, такви функционери има многу, затоа што на политичката функција не се гледа како на професија, туку како на место за вдомување на партиските активисти и блиски лица. При ваква состојба на работите, апанажата е излишен трошок за граѓаните. Затоа, наместо да се укинува правото на апанажа на оние кои го заслужуваат (политичари од кариера), потребно е партиите да престанат Собранието и Владата да ги перцепираат како институции за вработување на своите кадри. Тогаш и барањата за апанажа ќе се сведат на минимум и нема да претставуваат голем буџетски терет. Што се однесува до правото на апанажа на останатите избрани и именувани лица (покрај пратеници, министри и шефови на држава), апсолутно сметам дека е излишно и не треба да постои.

К.В.С.

Слични содржини