Во овој случај со новите лични карти, Уставот не дава правна основа за подзаконски акт. Образецот донесен во вид на подзаконски акт за издавање на овие лични карти е донесен врз основа на Законот за јазици. Правната основа е изнајдена и креативноста на службите во МВР дојде до израз, вели професорката на Правниот факултет при УКИМ, Ана Павловска-Данева за дневникот на ТВ Сител, за издавањето нови лични карти без нов закон.
Според неа, лошо е што политиката ги доведе правниците во МВР да бидат креативни.
-Тие во 20 дена пробуваа својата креативност да ја изразат. МВР носи свој подзаконски акт, кој не го заснова на свој закон, што го предлага ресорното министерство, туку на закон од друго министерство, а тоа е Законот за јазици, потенцира Данева.
Таа додава дека не е експерт по кривично право, но не гледа кривична одговорност за носење на подзаконски акт.
Во Собрание се доставени измените на Законот за лична карта, но се блокирани со 1 500 амандмани на Левица, кои ги доставија поради барањето на Движење Беса – на документите за идентификација да фигурира и етничката припадност. За тоа беше донесен подзаконски акт за усогласување на Законот за Лични карти со Законот за употреба на јазиците, за да може да продолжи процесот на издавање на документите за идентификација.