Професорката на Правниот факултет и поранешна пратеничка Ана Павловска-Данева е предложена за нов уставен судија. Денеска на дневен ред на Комисијата за прашања на изборите и именувањата е и Предлогот за избор на судија на Уставен суд, па оттаму се дозна дека е предложено името на професорката.
Павловска-Данева во куса изјава за „Локално“ само ги потврди информациите и истакна дека постапка е во тек.
-Неблагодарно е било што да прејудицирам, рече Данева, откако ја запрашавме дали очекува да биде избрана за нов уставен судија.
-Единствено што можам да изјавам е дека за секој правник е голема чест да се биде предложен за судија на Уставен суд, а пак изборот на таа функција е огромна одговорност, додаде таа во својот одговор.
Владеачката СДСМ вчера ја повлече кандидатурата на поранешниот државен јавен обвинител Љубомир Јовески за уставен судија. Тој побара објаснување, бидејќи како што рече, нанесена му е штета.
-Се чувствувам повреден. Не требаше да ме номинираат ако не беа посветени на завршување на процесот, оставајќи ме ранлив на непотребни критики, рече меѓу другото Јовески.
Поранешниот државен јавен обвинител на крајот на 2023 година го заврши својот шестгодишен мандат. Според Законот за Јавното обвинителство, за јавен обвинител на Република Северна Македонија може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.
Јовески беше предвиден да биде еден од деветте судии кои го чинат Уставниот суд, откако им истече мандатите на неколкумина.
Н.П.