Државната пазарна инспекција ги пломбираше вратите на ноќниот клуб Аватар во Струмица. Клубот ќе биде затворен се додека не се донесат протоколи за начин на работа на ноќните клубови.
Овој струмички локал организираше забави со голем број гости, кои не ги почитуваа препораките за одржување дистанца и носење маска.
Од менаџментот на „Аватар“ во неделата посочија дека работат како кафе бар и на отворено и дека се придржувале до сите протоколи и прописи.
-Сакаме да ги демантираме информациите во кои се вели дека сме ноќен клуб. Не се работи за ноќен клуб туку за кафе бар. Објектот е на отворено и работи согласно сите законски прописи. Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат заштитните маски. Ние немаме надлежност да бараме гостите да носат лична заштита, тие самите одговараат за себе. Работиме на исти начин како и сите други угостителски објекти во градот. Не сме единствените, скоро во секој втор локал во градот, кој е за неколку пати помал од нашиот, има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи. Никој не реагира ниту за мешаниците што се прават на јавните површини каде треба да биде простор за движење граѓаните има поставено маси, а потребното растојание воопшто го нема, изјавија од „Аватар“.