Педесет нови случаи на грип во една недела: ИЈЗ препорачува вакцинација:

од Илинка Илиоска
11 прегледи

Педесет случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот, биле пријавени во текот на 42. недела од 2024 година, односно од 14 до 20 октомври. Како што информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), за 61,3 проценти повеќе во споредба со претходната недела.

Заболените лица биле регистрирани во Куманово – 18, Гостивар – 16, Свети Николе – седум , Тетово – пет и Кавадарци и Кочани – по две. Во однос на возраста, од 15 до 64 години регистрирани биле 38 лица, петмина над 65 години, шест деца на возраст од пет до 14 години и едно дете од групата до четири години.

Заклучно со 42.недела, евидентирани биле вкупно 106 случаи.

– Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО. Постарите лица – над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници, потенцираат од ИЈЗ.

Закажувањето за бесплатни вакцини се одвива преку веб-страницата – вакцинација.мк.

– Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 12.165 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини, истакнуваат од ИЈЗ.

Во однос на комерцијалните вакцини, вакцинирани биле 373 лица.

Во Република Северна Македонија, вакцинирани биле вкупно 12.538 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

Слични содржини