Шпанскиот репрезентативец, Педри Гонзалес повторно го изрази своето воодушевување од соиграчот Роберт Левандовски, кој постигна два гола во победата на Барселона со 4-1 на гости кај Реал Сосиедад во второто коло од шпанската лига.
Победата ја прекина серијата од три меча без победа за Каталонците. Полскиот интернационалец се запиша во листата на стрелците токму на својот 34-ти роденден.
„Иако има 34 години, изгледа како да има 20 години. Лудо е колку голови постигнува и пред се како работи со тимот. Тоа ни помага многу. На полувремето зборувавме за тоа како треба подобро да ги нападнеме празните места што се отвораат. Минатата недела добивме удар, па победата е многу важна затоа што навистина ја посакувавме. На моменти игравме добро, во други – не толку, а кога ја губевме контролата си ги комплициравме работите“, коментираше 19-годишниот Педри за ТВ каналот „Мовистар“ по натпреварот.
По две кола во Ла Лига, екипата на Барселона го зазема петтото место во поредокот со 4 бода.