Пеењето, танцот и посетата на музеј се корисни за вашето здравје

363 прегледи

Креативни активности, учество во културни или уметнички настани и активности како што се танцување, пеење или посета на музеи имаат позитивен ефект врз физичкото и менталното здравје на човекот, покажуваат податоците објавени во понеделникот од Светската здравствена организација.

Занимавањето со музика и пеење се покажа како корисно кога станува збор за подобрување на вниманието и меморијата кај луѓето со деменција, се вели во извештајот на регионалната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) со седиште во Копенхаген.

Ваквите заклучоци се извлечени од истражувањето на повеќе од 900 публикации за придобивките од уметноста на поединците од детството преку зрелоста до староста.

„Примерите погоре покажуваат како можеме да се справиме со „лоши“ или сложени здравствени состојби со помош на уметноста, како што се дијабетес, дебелина или лошо ментално здравје“, рече Пироска Остлин, привремен регионален директор на СЗО.

Студијата покажа дека слушањето музика влијае на контролата на нивото на гликоза во крвта за време на вообичаени и стресни ситуации кај лица со дијабетес, се вели во извештајот.

Резултатите од студијата исто така укажуваат на тоа дека прилично мали деца што родителите им читале пред спиење „имале подобро и подолго спиење“ и дека нивната „концентрација на училиште била подобра“.

Слушањето на омилената музика или правењето ракотворби исто така може да биде корисно и да придонесе за подобрување на целокупното здравје. Со него може да се ублажат „несаканите ефекти од третманот со карцином, како што се замор, недостаток на апетит, скратен здив и гадење“.

СЗО потсетува дека уметноста е поделена на пет категории: изведувачка уметност (музика, танц, пеење, театар), ликовна уметност (занаети, сликарство, фотографија), литература (пишување, читање), култура (посета на музеи, концерти, театри) и Интернет уметност.

Резултатите вклучуваат публикации на руски и англиски јазик објавени помеѓу јануари 2000 и мај 2019 година.

Слични содржини