Пекарите од утре ќе доставуваат леб, но ќе си ја бараат штетата преку правна постапка

од Nikola Popovski
211 прегледи

Пекарите од утре ќе испорачуваат леб со замрзната цена од 33 денари, но по судски пат ќе си ја бараат штетата, поради, како што тврдат, нивните загуби со одлуката на Владата за замрзнување.

-Во интензивни консултации со правни експерти од земјава и надвор, утврдено е дека владините одлуки се уставни и незаконски. Се потврдува со записниците дека од 1-ви декември се почитуваат сите мерки и одлуки на Владата. Во овој основ, пекарската индустрија ќе започне правна постапка со цел наплаќање на штетата, односно загубата која ја нанесе Владата. Штетата до 31 мај, до кога е предвидено да трае одлуката на Владата, ќе изнесува над 4,5 милиони евра. Битката ќе продолжи на правна основа. Пекарите се согласија од утре да се започне со испорака на одредени видови на леб, во зависност според можностите на секоја пекара, изјави денеска Горан Малишиќ, претседател на Групацијата за мелничко-пекарската индустрија.

Тој е дециден дека индустријата ќе ги почитува мерките, но преку правен пат ќе си ја бара штетата.

-Во следната недела ќе се започне со правната постапка. Не можам да кажам колку компании се. Не се сите членки на Здружението, истакна Малишиќ пред новинарите.

Владата, на синоќешната седница, донесе Одлука за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед, базирана на законски основи.

Со одлуката, се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица, кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство, кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или да продаваат леб бел и полубел (сечен на парчиња или цел).

Слични содржини