Времето во земјава продолжува да биде сончево и многу топло. Од УХМР информираат дека ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, поизразен долж Повардарието. УВ индексот ќе биде високи 10.
Температурите во најјужните делови од земјата ќе достигнат 42 степени Целзиусови во Гевгелија.
Во Скопје исто така сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од северен правец.
Температурата ќе се искачи до 38-от степен.
Лекарите препорачуваат да се избегнува излегување надвор во периодот од 10 до 17 часот, неопходните работи граѓаните да ги завршуваат пред 10 или по 17 часот, и да се почитуваат препораките од Центарот за јавно здравје. Тие вклучуваат носење светла облека, туширање повеќе пати дневно, пиење многу вода, избегнување на мрсна храна и јадење помалку, избегнување тешки физички активности и излегување на сонце.
Власта објави препораки за портокаловиот бран. Поради тоа, почнувајќи од вчера почнуваат да важат препораките за намалување на ризиците од високите температури, согласно Акцискиот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
Согласно усвоеното, Владата препорачува:
-Ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години;
-Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да укажуваат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници,
-Со оглед на тоа што одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Согласно добиените информации, Владата одлучи:
-Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;
-Владата му препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ, избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;
-Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;
-Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од четири дена, од 13 до 16 јули, односно во текот на следните два работни дена, четврток и петок, како и за двата дена од претстојниот викенд, сабота и недела, до натамошно одлучување.
Владата и надлежните органи постојано ја следат состојбата поврзана со временските температури, со цел навремено преземање соодветни мерки за заштита на граѓаните.