Пелистер: Манасков не беше приведен туку повикан на информативен разговор

Ракометниот клуб од Битола негира дека нивниот играч бил приведен по вчерашниот меч во Охрид

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: Фејсбук/Еурофарм Пелистер

Ракометниот клуб Еурофарм Пелистер негира дека нивниот играч Дејан Манасков бил приведен по вчерашниот меч меѓу тимот од Битола и Охрид. Во кусото соопштение велат дека Манасков бил на информативен разговор во полициска станица.

„Ракометарот на Еурофарм Пелистер – Дејан Манасков беше повикан на информативен разговор во СВР Охрид, по што е пуштен дома, ги демантираме сите медиуми, дека нашиот ракометар е приведен“, порачаа од битолскиот клуб.

Триумфот на екипата од Охрид падна во сенка поради инцидентите што се случија по завршувањето на натпреварот.

„На 14.12.2025 година во 20.20 часот, во СВР Охрид приведен е Д.М. (33) ракометен играч од Скопје, член на ракометен клуб од Битола. Тој, по завршување на ракометен натпревар што, денеска се одржуваше во спортската сала „Биљанини Извори“ во Охрид, при меѓусебното поздравување на играчите, физички го нападнал К.А. помошен тренер на домашниот-охридскиот ракометен клуб.

По целосно расчистување на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава“, извести портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.