Пеливанов: Мијалков е моќен човек, бараме мерка притвор по пресудата за „Трезор“

од Берта Китинска
365 прегледи

Откако денеска беше изречена пресудата за случајот „Трезор“, обвинителот Трајче Пеливанов побара да му се  одреди мерка притвор екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Обвинителот образложи дека Мијалков во моментот е во притвор, за предметот „Таргет и Тврдина“, кој истекува на 27 април. Токму затоа, побара на Мијалков притворот да му биде укинат за предметот за масовното прислушување, а да му се одреди за случајот „Трезор“.

„Мијалков е исклучително моќен човек, несомнено се јавува потребата од определување мерка за обезбедување на неговото присуство. Предлагаме на Мијалков да му се определи мерка притвор во овој предмет. Ова го бараме и поради постоење на опасност од бегство, како и тоа дека веќе преку Европол е утврдено дека Мијалков има адреса на живеење во Прага, а и две возила регистрирани на негово име“, рече Пеливанов.

Екс директорот на УБК за предметот „Трезор“ доби единствена казна затвор во времетраење од 8 години. Поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски доби 5-годишна затворска казна, поранешниот помошник-министер во МВР, Небојша Стајковиќ исто така доби казна затвор од 5 години, а поранешениот началник на Петтата управа во МВР-Горан Грујевски, за кого се чека одлуката од Грција за екстрадиција, заработи казна затвор од 15 години.

Слични содржини