Републиканците во Претставничкиот дом на САД побараа одговор зошто Националната гарда не беше распоредена во Вашингтон на 6 јануари за да спречи немири и упад во зградата на Конгресот и зошто ѝ беше потребно многу време за да стигне. Тие ја обвинуваат претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси дека им го забранила пристапот до доказите.
Четворица републиканци, членови на конгресните комитети, ѝ напишале писмо на Пелоси во кое се вели дека тогашниот началник на полицијата во Капитол, Стив Санд, побарал распоредување на Националната гарда на 4 јануари, но шефот на обезбедувањето на Претставничкиот дом, Пол Ирвинг, одбил затоа што би „изгледало лошо“, пренесува RT.
На Ирвинг му требаше еден час да го одобри барањето на Санд за распоредување на Националната гарда на 6 јануари, кога приврзаниците на тогашниот претседател Доналд Трамп упаднаа во Конгресот. Републиканците се прашуваат дали доцнењето се должи на фактот дека тој морал да се консултира со Пелоси.
Во писмото се наведува и дека демократите од Калифорнија се обиделе да ги заменат Ирвинг и Санд и да ангажираат генерал во пензија кој ќе се грижи за безбедноста, без да го извести републиканското малцинство во Претставничкиот дом.
Исто така, републиканците наведуваат дека кога побарале повеќе информации за тоа што се случило, членовите на тимот на Ненси Пелоси „извршиле опструкција“. Тие исто така тврдат дека дел од материјалот што го побарале во врска со ова бил пренесен само до демократите во правосудниот комитет.
Во писмото се повикува Пелоси да стави крај на „политичката шарада за потрага по непријатели во Капитол“ и „воспоставување правила што таа самата не ги почитува“.
Писмото го потпишаа членовите на републиканскиот комитет на Претставничкиот дом Џим Џордан (Охајо, судски комитет), Дејвид Нунс (Калифорнија, разузнавачки комитет), Џејмс Комер (Кентаки, комитет за надзор и реформи) и Родни Дејвис (административен комитет).
Демократите го претставија упадот во конгресната зграда во Капитол како „бунт против демократијата“ и ги обвинија Трамп и републиканците.