Пелоси кон демократи: Сакам да го видам Трамп во затвор

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Претседателот на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси изјавила пред високи демократи, дека сака да го види претседателот Доналд Трамп „зад решетки“, пишува „Политико“.

Во вторникот вечерта, Пелоси влегла во расправија со претседателот на Комисијата за правни прашања во Долниот дом, Џери Надлер дали да се започне постапка за импичмент на американскиот претседател.

Според повеќе извори, Пелоси се сретнала со Надлер и неколку високо поставени демократи кои агресивно инсистираат да се истражува Трамп. Веќе неколку недели во редовите на демократите се води битка дали да се започне истрага за претседателот на САД.

Надлер ја притиска Пелоси да дозволи на неговата комисија да ја започне истрагата. Во рок од неколку недели неговото барање два пати е одбиено од демократката од Калифорнија и други високи партиски кадри. Пелоси е категорична дека не е добра идеја во оваа фаза да се поведува постапка за импичмент на Трамп.

„Не сакам да го видам отстранет, сакам да го видам во затвор“, рекла Пелоси, цитирана од повеќе извори од Демократската партија, запознаени со разговорите на средбата.

Според изворите, Пелоси преферира Трамп да загуби на изборите за претседател во 2020 година, а потоа да биде суден за своите злосторства.