Пендаровски: Албанскиот е службен јазик во Македонија, но има проблем со практичната примена

„Според мене, ако законот постои само за да можат некои албански политички партии да кажат „донесовме закон со најдобри можни стандарди за употреба на албанскиот јазик“, тогаш тоа е политичка пропаганда“, вели екс-претседателот

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Teve1

Поранешниот претседател, Стево Пендаровски во интервју за косовска телевизија зборувал за статусот на албанскиот јазик и предизвиците во неговата практична примена. Тој потсетил дека албанскиот јазик е службен јазик бидејќи Албанците сочинуваат околу 20 проценти од населението, додека неговата употреба е регулирана со Законот за јазиците, кој е изменет неколку пати за подобрување на правата на албанската заедница.

Пендаровски посочил дека еден граѓанин поднел иницијатива до Уставниот суд, барајќи укинување на законот, што може да предизвика голем проблем доколку законот биде укинат.

„Тој е службен јазик поради 20 проценти од луѓето што живеат во оваа земја. Во меѓувреме, донесовме два закона за јазиците. Главниот закон е на сила, но постои и закон што ја регулира употребата на албанскиот јазик. Првиот закон е донесен во 2008 година, додека вториот е од 2018 година. Го менувавме тој закон неколку пати со цел да ги подобриме правата на Албанците. Значи, го менувавме овој закон неколку пати, подобрувајќи ги правата на Албанците. Што се случи во меѓувреме? Некој, наводно обичен граѓанин, непознат на јавноста, поднесе барање до Уставниот суд велејќи дека законот за јазикот, за албанскиот јазик, не е во согласност со Уставот и побара поништување на овој закон… Уставниот суд веќе закажа расправа за ова прашање и ќе биде голем проблем ако ќе го поништат овој закон за јазиците што наводно не е во согласност со Уставот“, изјавил Пендаровски во интервју за „Teve1“.

Тој нагласил дека главниот проблем останува практичната примена на законот, особено во институциите и судскиот систем.

„Албанците можат да го користат јазикот, но во многу случаи не гледаме негова целосна примена во институциите и судовите. Важно е да се постави прашањето дали овие права се применуваат во секојдневниот живот. Едно ниво е утврдено со закон, но не го гледаме во реална употреба меѓу луѓето. Според мене, ако законот постои само за да можат некои албански политички партии да кажат „донесовме закон со најдобри можни стандарди за употреба на албанскиот јазик“, тогаш тоа е политичка пропаганда. Од моја гледна точка, сосема е различно – законот треба да биде во интерес на сите, на секого. Албанец што живее тука треба да се праша дали овие права се применуваат во секојдневниот живот. И ако, и покрај ова, тие не се применуваат целосно, тогаш ќе има такви што би сакале да го оспорат дури и она што е напишано во законот“, кажал екс-претседателот.

Албанските партии се изнервирани од одлуката на Уставниот суд за „Безбеден град“. Од ВЛЕН порачаа дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку ваков систем, има обврска тоа да го прави и на албански јазик, оценувајќи дека не станува збор за политичка волја, туку за уставна обврска. ДУИ отиде чекор понатаму и побара оставка од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, откако на седницата тој изнесе став дека текстуалната порака за прекршок е доволно да биде на македонски и на англиски, а албанскиот да се користи во понатамошната постапка. За ДУИ, таквиот пристап е дискриминаторски и претставува опасно навлегување во меѓуетничката рамнотежа во државата.