Британската амбасада во Скопје вчера во градината на Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски беше домаќин на прославата на врските на пријателство, разбирање и почит меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, како и да се одбележи 70-годишната служба на Кралицата Елизабета Втора.
Македонско-британските односи се во постојана нагорна линија од нашата независност до денес. Од одбранбената соработка, сега и како сојузници во НАТО, политичката и институционалната соработка, па сѐ до културните и образовните врски развиени преку нашите граѓани, објави Пендаровски.
Претседателот потенцира дека бележиме скоро три децении одлични релации, а Британија е долгогодишен партнер во нашите реформи и поддржувач на нашите стратешки цели за евро-атлантска интеграција.
-Одбележувањето на 70 години служба на Нејзиното Величество Кралицата со прием во Кабинетот на претседателот во нејзина чест е доказ за пријателството и блиските билатерални врски меѓу Северна Македонија и Британија, потенцира Пендаровски.