Секоја молба за помилување се разгледува поединечно. Со делумното ослободување од извршувањето на неиздржаната казна затвор на лицето Абдуљфета Алими, претседателот не донесе одлука за околностите и настаните од 27 април, туку одлука за индивидуалната молба поднесена од Алими, велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски во врска со изјавата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Според соопштението од Кабинетот, „претседателот никогаш не одлучувал селективно, така било до сега, така ќе биде и од сега“.
„Наместо селективна правда Пендаровски одлуката за помилувања да ја прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор“, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков одговарајќи на новинарско прашање во врска вчерашната листа на помилувања на Пендаровски и затворените за настаните од 27 април.
Лефков истакна дека треба да има неселективност во правдата и одлучувањата.
„Очекуваме неселективност во одлучувањето на Пендаровски, очекуваме неселективност во правдата. И наместо селективна правда по примерот на ваквата одлука таа да се прошири кон сите неправедно осудени кои се во затвор“, рече Лефков.