Пендаровски: Државата мора да посвети повеќе внимание и ресурси за имплементација на правата на заедниците

од Aleksandar Todeski
268 прегледи

Напредокот на Република Северна Македонија во однос на правата на заедниците е резултат на политичката волја, на законските решенија, на демократското зреење на државата, на усвојување на европските стандарди, но, и природен тек на традиционално добриот соживот, меѓусебното почитување и разбирање меѓу нашите граѓани, истакна претседателот Стево Пендаровски на панел-дискусијата на тема „Правата на помалобројните заедници во нашата земја“ во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците.

Тој порача дека државата мора да посвети повеќе внимание и, пред сè, ресурси за имплементација на правата на заедниците.

„Не смееме да правиме компромиси и импровизации кога станува збор за правото на образование на мајчин јазик, за зачувување на културата и традицијата на сите помали заедници. Верувам дека клучна е правичната застапеност во институциите. Не би сакал да звучам како ништо да не е направено досега на ова поле, затоа што многу работи се направени, туку сакам да поттикнам доследно и до крај да се имплементира правичната застапеност во администрацијата и да важи подеднакво за сите етнички заедници“, истакна Пендаровски.

Претседателот во својот говор даде поддршка и за иницијативата за измени и дополнувања на Законот за празници, според кои се предлага воведување на десет нови празници за заедниците кои во Преамбулата на Уставот се наведени како „други“.

„Предлогот предвидува и останатите граѓани, припадници на помалите заедници да имаат свој неработен ден, датум што е битен за нивната историја, традиција и култура. Овој предлог заслужува поддршка затоа што е дефинитивно во духот на градење на општество на еднакви граѓани. Поради тоа и очекувам да се најде во собраниска процедура и да биде усвоен“, рече Пендаровски.

Република Северна Македонија има добра основа да се посвети на изградбата на автентичната функционална мултиетничка демократија, порача вицепремиерот Бујар Османи, повикувајќи се на составот на населението, историскиот контекст на поднебјето, како и на според него, ужасните последици од неодговорното однесување во однос на негата меѓу заедниците.

Османи нагласи дека државата со креирањето на односите со нашите соседи се посочува како пример за градење на добрососедските односи, но и како автентичен модел на Балканот, за тоа како се негуваат односите меѓу заедниците внатре во самата земја.

Вицепремиерот потсети и на неодамнешната сесија на Венецијанската комисија, каде што, според него, Комисијата ги поздравува напорите на Владата и на државата да обезбеди проширување на употребата на јазикот, и тоа над минималните норми кои важат за националните малцинства. Османи рече дека придобивките од  регулацијата на односите во Северна Македонија не се однесуваат само на македонската и албанската заедница, туку и на ромската, српската, босанската, влашката и другите заедници.

Директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците Илхан Рахман рече дека улогата на Агенцијата е клучна во остварување на правата на заедницата и дека токму поради тоа, Агенцијата треба да прерасне во активен и ефикасен чинител. Рахман го истакна искуството од експертското советодавно тело во кое членуваат професорот Алесандро Симоне од Италија, Јагода Новак од Хрватска и Ерван Фуере како вонреден соработник во истражувања во Центарот за европски политики во Брисел, за кои рече дека нивните препораки ќе бидат движечка сила на Агенцијата.

Слични содржини