Претседателот Стево Пендаровски информира дека не го потпишал Законот за игри на среќа поради сериозните укажувања на ЕУ дека се злоупотребува можноста со ставањето на европското знаме.
Воедно, тој одговори на обвинувањата од ДУИ дека „непотпишувањето на законот е приказни за мали деца“ и порача дека не смее да се повторува ваквиот начин на носење на закони.
-Пред еден месец Европската комисија испрати писмо до Владата во кое вели „во собраниска процедура имате закон со кој практично се злоупотребува европското знаме“. Меѓутоа пратениците тераат до крај и го усвојуваат законот. Пред неколку дена се сретнав со евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ми посочи дека ова е уште една злоупотреба на европското знаменце. Никој не спори дали законот е добар или лош, но не смее да биде злоупотребен, изјави денеска Пендаровски од Тетово.
Според шефот на државата, законот мора да оди во редовна процедура и расправата за него да не трае само два-три дена.
-Имам добиено писмена забелешка од ЕУ дека се злоупотребува европското знаменце. Бидејќи јас сум легалист, за мене најважна работа е тоа да го нема. Кога Законот ќе оди во редовна процедура, македонската јавност ќе ги слушне аргументите и на едните и на другите и ќе заклучиме што е најдобро за нас, додава Пендаровски.
На прашањето дали ќе се кандидира за претседател, Пендаровски рече дека одлуката ќе биде донесена за околу пет до десет дена од сега.
ДУИ доцна синоќа го искритикува претседателот откако не го потпиша указот за измените на Законот за игри на среќа, со кои беше предвидено обложувалниците и казината да бидат 500 метри оддалечени од основните и средните училишта.
Според владеачката партија, одлуката на Пендаровски е за „жалење“.