Пендаровски: Формирањето на ОН е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото

од Aleksandar Petrovski
198 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски преку видео-порака се обрати на настанот на високо ниво, што по повод 75-годишнината од формирањето на Организацијата на Обединетите Нации, се одржа вчеравечер во Њујорк на тема „Иднината што ја сакаме, Обединетите Нации што ни требаат: Потврдување на нашата колективна посветеност на мултилатерализмот“.

Во обраќањето Пендаровски рече дека Обединетите нации превенирале бројни конфликти и ги ублажиле последиците од многу хуманитарни кризи. Им помогнале на многу народи преку самоопределување да го изодат патот до независност. Претседателот оцени формирањето на Обединетите нации е еден од најважните глобални проекти и постигнувања на човештвото, но, организацијата може да биде ефикасна онолку колку што државите-членки ќе и дозволат.

„Поради бројните препреки во нејзиното работење, во светот сеуште има тензии и конфликти, милиони бегалци и мигранти, неконтролирана експлоатација на природата и повреди на човековото достоинство. Кон старите се придодадоа и нови акутни проблеми како што се глобалниот тероризам, транснационалниот организиран криминал и дигиталната поделба. Годинава, состојбата е дополнително усложнета поради пандемијата на КОВИД-19. Покрај огромното страдање што го предизвикува, пандемијата ги разоткрива слабостите на нашиот меѓународен поредок и системските нееднаквости на нашиот свет. Ни остануваат само уште десет години за да ги реализираме Агендата 2030 и Парискиот климатски договор. За да ги постигнеме Целите за одржлив развој ние мора истовремено да ги ублажиме економските и социјалните последици од пандемијата. А тоа можеме да го постигнеме само преку меѓународна соработка и глобална солидарност за што ни се неопходни силни и ефективни Обединети нации, реформирани и прилагодени на новата реалност“, истакна Пендаровски.