Пендаровски-Фризел: 1500 граѓани со потекло од Македонија се важен дел од општеството на Нов Зеланд

од Nikola Popovski
335 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Жаклин ен Фризел, новоименуваната амбасадорка на Нов Зеланд за Република Северна Македонија, со седиште во Рим, Република Италија.

Во обраќањето на церемонијата на предавање на акредитивните писма, претседателот Пендаровски истакна дека меѓу двете земји постојат пријателски односи и заедничка желба за нивно поинтензивно развивање, како и за унапредување на соработката во сите области од заеднички интерес. Претседателот посочи дека иако се географски многу оддалечени, двете земји ја споделуваат визијата и одговорноста за одржлив развој и економски просперитет, посветеноста кон одржување на светскиот мир и безбедност, промовирање на дијалогот и мирното разрешување на спорови, како и заштита на човековите права.

Амбасадорката Жаклин ен Фризел во своето обраќање рече дека Северна Македонија и Нов Зеланд имаат многу заедничко и дека ја споделуваат посветеноста кон либералната демократија и одржувањето на отворени општества и економии. Таа истакна дека е горда на 1.500 граѓани во Нов Зеланд кои потекнуваат од Северна Македонија, за кои рече дека станале важен дел од нивното општествено ткиво и додаде дека тие врски обезбедуваат цврста основа за натамошен раст на односите во годините што следат.

Претседателот Пендаровски на амбасадорката на Нов Зеланд и посака многу успех во извршувањето на одговорната функција и изрази уверување дека во вршењето на нејзините дипломатски должности ќе ја ужива неговата целосна поддршка и помош.

Слични содржини