Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваната амбасадорка на Сојузна Република Германија во Република Северна Македонија, Петра Дрекслер.
Посакувајќи и добредојде на амбасадорката Дрекслер, претседателот Пендаровски оцени дека двете држави ги поврзува традиционално и искрено пријателство, што е засновано на разновидна соработка, меѓусебно почитување и отворен пристап, а ваквата определба, како што рече претседателот, претставува уште еден мост во градењето на поцврсти пријателски односи меѓу нашите две земји.
„Како резултат на заедничките напори, нашата земја, денес, во Сојузна Република Германија, гледа голем пријател и искрен сојузник во процесот на остварување на нашите стратешки приоритети. Еден од тие стратешки приоритети, полноправното членство во НАТО, е веќе остварен, а нашите две држави се сојузнички држави и придонесуваат во остварувањето на клучната мисија на НАТО за гарантирање на безбедноста на евроатлантскиот простор во светло на тешките геополитички околности”, рече претседателот Пендаровски, оценувајќи дека за нас е особено значајно што Сојузна Република Германија демонстрира јасна подготвеност за поддршка на Република Северна Македонија на патот кон полноправното членство во Европската Унија.
„Го имав задоволството сојузниот претседател Франк Валтер-Штајнмајер да го пречекам во Скопје и при тоа лично да го запознаам со мојата земја и да го уверам дека ги вложуваме сите расположливи капацитети во исполнувањето на критериумите за членство во Европската Унија. Истовремено, од Унијата очекуваме еднаква посветеност за интеграцијата на Северна Македонија и државите од регионот, што е клучен услов за целосно исполнување на идејата на европскиот проект”, рече претседателот Пендаровски.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, амбасадорката Дрекслер оцени дека нашиот билатерален однос е одличен и се протега многу подалеку од соработката на ниво на влади и тој го опфаќа ангажманот на политичките фондации и организациите на културните медијатори или на големата билатерална Стопанска комора, која е израз на опсежното присуство на германското стопанство во Северна Македонија и ја отсликува позицијата на Германија како најзначаен трговски партнер.
„Посетите на Сојузниот претседател, на Сојузниот канцелар и на Министерката за надворешни работи изминатите месеци се јасни знаци за тоа дека стоиме на страната на Вашата земја. Сојузната влада и понатаму ќе го придружува пристапниот процес кон ЕУ како доверлив партнер. Сакам да Ве уверам дека и за време на мојот мандат ќе ја вложам сета моја енергија за оваа задача. Свесни сме за компромисите кои ги изискуваше овој пат и се болни за многу луѓе во Северна Македонија и кои и понатаму се потребни за неопходната уставна промена. За консеквентноста, со која Вашата земја чекори по патот кон приемот во ЕУ, Ви се искажуваат, господине Претседателе, нашето признание и нашата длабока почит”, рече амбасадорката Дрекслер.
Претседателот Пендаровски на амбасадорката Дрекслер и посака успешно извршување на функцијата.