Претседателот Стево Пендаровски е актуелен претседател на државата и за него важат посебни прописи за заштита на личноста односно постојано физичко обезбедување вклучително и користење на посебни службени возила со кои се обезбедува физичка заштита, велат од Кабинетот на претседателот, откако дел од медиумите, блиски до опозоцијата, вчера објавија дека шефот на државата и кандидат за втор мандат, вчера со службено возило и со доделеното обезбедување го посетил штабот на СДСМ во Штип.
Од Кабинетот на Пендаровски појаснуваат дека посебните правила се уредени во Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите на мерки и активности и степените на обезбедување, донесена од Владата, согласно со Законот за полиција, уште во 2014 година.
Оттаму додаваат дека овие правила важат за целото време на извршување на функцијата и нагласуваат дека согласно со член 8-б, став 1 од Изборниот законик, овие правила за Претседателот важат и за време на изборната кампања.
-Потсетуваме дека Претседателот на државата не е член на ниту една партија и е подготвен да има средба со секоја политичка партија доколку има такво барање или покана, како што практикува од стапувањето на должноста во 2019 година, потенцираа од Кабинетот на претседателот.
Пред десетина дена, и вицепремиерот Бојан Маричиќ беше обвинет од дел од медиумите дека користи службено возило при пристигнување во подрачна канцеларија на ДИК, за да се потпише за претседателските кандидатури. ВМРО-ДПМНЕ бараше реакција и од ДКСК.