Пендаровски: Ќе продолжиме со воена, хуманитарна и дипломатска поддршка на Украина

од Nikola Popovski
192 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими генерал Ејрик Кристоферсен, началник на Генералштабот на Вооружените сили на Кралството Норвешка.

На средбата беше разговарано за севкупната билатерална соработка во областа на одбраната, која вклучува активности од доменот на воено-медицинска соработка, обуки и соработка помеѓу воените академии, како и за заедничкото учество и придонесот во меѓународните мировни операции.

Претседателот Пендаровски се заблагодари за севкупната поддршка од Норвешка во процесот на имплементирање на НАТО стандардите и трансформацијата на нашата Армија, за помошта и донациите со цел справување со пандемијата на Ковид-19, како и за финансиската поддршка во насока на градење на демократските капацитети на земјава.

Соговорниците разменија информации и мислења околу случувањата во Украина, двете нови кандидатури за членство во НАТО и јакнење на источното крило на Алијансата, како и за безбедносните предизвици со кои се соочува Европа. Во таа насока, претседателот посочи дека како земја-членка на НАТО, ќе продолжиме да пружаме воена, хуманитарна и дипломатска поддршка на Украина со цел прекин на руската агресија.

Претседателот искажа подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка во областа на одбраната и јакнење на НАТО сојузништвото во насока на исполнување на заедничките цели за колективна безбедност и мир на европскиот континент.

На средбата стана збор и за можностите за изведување на заеднички вежбовни активности на армискиот полигон „Криволак“.

Слични содржини