Пендаровски ќе се обрати пред Генералното Собрание на ООН во Њујорк

од Берта Китинска
279 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски од денеска ќе престојува во работна посета на САД каде што ќе учествува на 76. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, што се одржува на тема „Градење отпорност преку надеж – опоравување од ковид-19, одржливо обновување, одговор на потребите на планетата, почитување на правата на луѓето и ревитализација на Обединетите нации“.

Според најавата, Пендаровски на 23 септември 2021 година, четврток, ќе се обрати на Генералната дебата, а во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, предвидено е претседателот Пендаровски да се сретне со Генералниот секретар на ОН,  Антонио Гутереш, како и со шефови на држави и влади.

Како што соопштија од неговиот кабинет, Пендаровски во Њујорк ќе учествува на Виртуелниот глобален самит за борба против ковид-19: Крај на пандемијата и закрепнување, како и на 20. Состанок на високо ниво во организација на Меѓународниот центар Низами Ганџави на тема „Што значат мирот и стабилноста во 21. век?“.

Во рамки на активностите во Њујорк, предвидено е шефот на државата да се сретне со извршната директорка на УНФПА, Наталиа Канем, како и со претставници на дијаспората, а најавени се и средби со претставници на Македонија2025 и со претставници на Американско-еврејскиот комитет во Њујорк.

За време на посетата, Пендаровски ќе биде придружуван од сопругата Елизабета Ѓоргиевска, која ќе се обрати на настанот на високо ниво посветен на одбележувањето на 30 години од глобалната 16-дневна кампања против родово-базираното насилство, ќе одржи предавање на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот Колумбија и ќе го посети училиштето за деца со посебни потреби Jesse J. Kaplan.

Слични содржини