Мојот совет до Владата и до јавноста е да одиме плански и да не брзаме во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот, вели претседателот Стево Пендаровски во Тема на денот на ТВ Сител.
-Имаме 14 месеци скрининг. Не мислам дека тоа треба да биде апсолутен политички приоритет број еден. Ние имаме толку многу реформи со скрининг да ги детектираме и поправиме и кога ќе дојде време на крај тој процес тогаш ќе прашаме во Парламентот имаме ли сега двотретинско мнозинство, вели претседателот Пендаровски.
Тој смета дека се смешни тврдењата на опозицијата дека ќе се изборат за нова преговарачка рамка, или за поништување на Преспанскиот договор.
-Тоа е приказна за мали деца. Ќе го преговараме Преспанскиот или нова рамка. Од она малку што го знам нешто за меѓународни односи и преговори, а ги имаше многу од Рамковниот договор во 2001 навака, тврдам дека тоа е невозможно. Можно е само ако државата се вика САД, Франција, Германија, Кина Русија …, рече претседателот Пендаровски.
Тој истакна дека во однос на францискиот предлог има нова анкета за поддршката од македонските граѓани која бележи, според него, поприлично голем пад на оние кои се против него.
-Има понова анкета во која процентот на лица кои не го поддржуваат францускиот предлог од 70 отсто колку изнесуваше летото, сега е паднат за околу дваесет отсто, што е драстично пониско. Се уште не сме во мнозинство за таканаречениот француски предлог, но факт е дека отако луѓето видоа дека нема никаква опасност се намалува процентот на оние кои се против, рече Пендаровски.