Неспорно е дека во овој момент формално правно немаме некој друг предуслов за започнување преговори со ЕУ, но на сите ни е јасно дека кога ќе стартуваме со преговорите, тоа ќе биде поглавјето 23 – владеење на право, правната држава, истакна претседателот Пандаровски коментирајќи ги изјавите на францускиот амбасадор Кристијан Тимоние дека треба да се погрижиме повеќе за реформите во правосудството.
-На сите ни е јасно, не само на Тимоние, и на вас и на мене, дека кога ќе стартуваме со преговорите, тоа секој пат се случува со Поглавје 23 – владеење на право – правна држава, дека тука заглавуваат најголем дел и од оние кои порано преговарале, а сега се членки и оние кои сега преговараат, затоа што тоа е еден комплекс на прашања којшто е практично фундамент на секоја демократија, рече претседателот Пендаровски на промоцијата на новите питомци во Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
Според Пендаровски, амбасадорот Тимоние сака да каже „со време подготвувајте се особено за оваа област, не дека другите не се битни, затоа што тука можете да изгубите најмногу време“.
-Немој да заборавите, Црна Гора преговара седма година со ЕУ, Србија е во својата петта година од преговори што е многу долг процес. На овие поглавја бившите комунистички држави најмногу губат време. Претпоставувам тоа е мотивот на Тимоние, истакна Пендаровски.