Претседателот Стево Пендаровски смета дека реториката меѓу Северна Македонија и Бугарија смирена, бидејќи нашата земја ја прифати преговарачката рамка.
-Јас и сега тврдам и во наредните години, независно од која позиција ќе бидам, немам намера да одам во Бугарија и да зборувам за историја. Моја стара теза е дека кога зборуваме за европски интеграции, не смее да се концентираме за историјата. За жал, од 2019 година Софија ја претвори таа тема како предуслов за напредување. Мене ми е драго што во преговарачката рамка, историјта се споменува само во делот на билатерален договор и Комисијата на историчари. За историски теми немам намера да го трошам патот и да патувам во Софија и да разговараме со Радев за окупатори или администратори, вели Пендаровски.
-Немам добиено мандат во 2019 година, за да ја враќам мојата држава и народ во 19-ти век и да зборувам за Цар Самоил во 10-ти или 11-ти век, додаде претседателот.
Околу прашањето со струјата и дали Софија може да извезе кон нас, Пендаровски вели дека има европски директиви кои не дозволуваат да извезувате на земја која не е членка, а претходно да не го понудите вишокот на други земји-членки или директно на светскиот пазар, каде цените се изгор.
-Ние можеме да платиме, но зборуваме за билатерална испорака на струја од Бугарија до нас. Цената е висока на светските пазари и затоа бараме на билатерално ниво да направиме нешто. Енергетски експерти работат на оваа тема. Проблемот е како да ги скршиш европските директиви. Затоа беше мојата заложба за да бидеме во трилатерала со Фон дер Лајен, рече Пендаровски во емисијата „Топ тема“.