Претседателот Пендаровски посочи дека посебен фокус во неговата работа е економијата, оцени дека особено важен дел на официјалната посета на Хрватска е економскиот сегмент и се заблагодари за хрватската отвореност и ангажман кон зајакнување на економската соработка помеѓу двете држави.
Претседателот говореше за економските и социјалните штети предизвикани од пандемијата на Ковид-19, при што нагласи дека македонската економија претрпе сериозен пад, а кризата најмногу се манифестираше во туризмот и угостителството, голем дел од индустриските гранки, трговијата на големо и мало. Тој се осврна и на шесте антикризни ковид пакети за спас на економијата, од нив 4-те пакети беа околу 1 милијарда евра.
Претседателот Пендаровски го нагласи значењето на вакцинацијата, како еден од приоритетните чекори за подобрување и на економската ситуација во нашата држава и посочи дека во државата веќе започнува посериозна масовна вакцинaција.
„Не зависи се од луѓето во бизнис секторот за забрзан, инклузивен и економски раст. Важно е и владеење на правото, сведување на корупцијата нa најниско ниво“, рече претседателот Пендаровски, посочувајќи ги придобивките од влезот во НАТО на нашата држава како една од можностите за промовирање стабилност кон зајакнување на економската позиција кај меѓународните партнери, овозможувајќи поголема видливост на Северна Македонија како потенцијал каде може да се инвестира.
Фокусот на економската билатерална средба во Загреб беше во насока на интензивирање на соработката со цел овозможување раст на трговската размена меѓу двете држави, разгледување на потенцијалот за инвестиции од областа на индустриското производство, воената индустрија, екологијата и рециклирање на отпадот, како и зголемување на можностите за развој на туризмот меѓу двете држави со разгледување на можностите за отворање директни авио линии до и од најпопуларните туристички дестинации.