Денеска претседателскиот кандидат Стево Пендаровски како дел од предизборната кампања се сретна со граѓаните на општините Ранковце и Крива Паланка каде ја претстави својата визија и програма за следниот петгодишен мандат.
Осврнувајќи се на прозивките од опозициската партија, Пендаровски истакна дека тој никогаш не помилувал и нема да помилува криминалци и дека ВМРО-ДПМНЕ уште како опозиција покажала дека не толерира слобода на говор и медиумско изразување.
„Кај мене немало тајни разговори за амнестија на кого било. Јас се сомневам дека господинот Мицкоски ги има измешано луѓето и идентитетите. Јас не сум Ѓорге Иванов, тој помилуваше криминалци. Јас тоа никогаш не сум го направил и нема да го направам. Видовме сите пред три четири дена, уште во опозиција, ВМРО-ДПМНЕ почна со тепање и апсење новинари. Пред неколку дена, новинар на новинарска задача кој следи фудбалски натпревар, беше нападнат од специјална полиција, тоа во наше време се немаше случено, никогаш досега во овие шест седум години се нема случено полицајци од специјални единици да апсат новинар кој е на работна задача” порача Пендаровски потсетувајќи на случаите со апсењето на новинарот Томислав Кежаровски и затворањето на А1 телевизија.
Одговарајќи на прашања од граѓаните, за кампањата и заканите што ВМРО-ДПМНЕ ги упатува кон него, Пендаровски порача дека Мицкоски е уверен дека ќе стане и премиер и претседател и државен јавен обвинител, но дека граѓаните сепак тоа нема да му го дозволат.
„Во првите неколку дена од кампањата ВМРО-ДПМНЕ тргна со една културна дебата, но после неколку дена, кога видоа како им оди, односно не им оди, почнаа со директни закани кон мене, но и кон другите, па дури Мицкоски се дрзна да каже дека ќе ми го проверел мојот имот и имотот на моето семејство. Јас ќе треба да му објаснам неколку работи, затоа што неговата кандидатка која е доктор по правни науки, до сега не му ги објаснила. Во демократијата има поделба на власта, 33 години сме независна држава и секој ден повторуваме за независно судство. Политичарите не можат да обвинуваат, не можат да апсат, не можат по телефон да диктираат пресуди. Но, тој е навикнат на тоа што правеа неговите претходници, кога тој беше генерален секретар на партијата и сега не може да се воздржи и мисли дека пак ќе биде така. Освен што тој зборува на место на неговата кандидатка и сака да биде претседател и премиер, тој сака да биде и државен јавен обвинител. Да биде сигурен, тоа јас и вие, граѓаните нема да му го дозволиме” порача Пендаровски.
Пендаровски ги повика граѓаните на Крива Паланка и Ранковце на 24 април и на 8 мај да дадат поддршка за бројот еден и на тој начин државата да продолжи по европскиот пат.