Пендаровски од Криволак: САД ќе го ратификува протоколот за НАТО во август, одиме со одлично темпо кон самитот во декември

од desk4

 Ден за високи гости на вежбата „Одлучен удар“ се реализираше денеска на армискиот полигон Криволак. Се презентираа офанзивни операции на пешадиската баталјонска група на Армијата на Република Северна Македонија, заедно со припадници на Националната гарда на Пенсилванија.

Во изјава за медиумите, претседателот Стево Пендаровски рече дека ова беше прилика да се присуствува на најголемата воена вежба која кога било е организирана во нашата држава, со учество на 2.700 војници од шест национални контингенти.

-Најголемиот дел од војниците кои учествуваа беше од нашиот стратешки партнер, од Соединетите Американски Држави. Меѓутоа, тука има и четири други земји членки на НАТО Алијансата. Она што е посебно значајно да се одбележи од денешнава вежба, е што полигонот Криволак  со одржувањето на оваа вежба, е дефинитивно признаен како еден од најдобрите воени полигони во Југоисточна Европа и со ова се отвараат врати за негово почесто користење од нашите сојузници од Алијансата во наредниот период. И друга битна работа која ја покажа денешната вежба, дека нашите припадници, луѓето од армијата на Република Северна Македонија, се на исто професионално ниво со останатите армии во Алијансата, со што покажуваат по којзнае кој пат дека се навистина достојни да не претставуваат во сите мисии во светот кадешто се брани глобалниот мир и безбедноста и се најдобриот доказ дека нашата земја треба да стане членка на Алијансата што е можно побрзо, рече претсдедателот Пендаровски.

Четири од петте земји членки на Алијансата кои учествуваат на оваа вежба, посочи тој, го имаат ратификувано нашиот протокол за членство, во петтата, во САД, тоа е почнато како процедура.

-Ветувањето од таа страна е дека најверојатно пред да се распушти Конгресот во август, ќе имаме целосна ратификација, што значи дека одиме со одлично темпо кон самитот закажан за 4 декември во Лондон кадешто со право очекуваме да станеме полноправна членка и да ги користеме сите напори кои ги правеше нашата држава не само во сферата на одбраната и во безбедноста, туку и во полето на политиката. Да покажеме дека и политички и безбедносно и со одбранбените реформи, заслуживме да станиме членка на најмоќната воено политичка алијанса во историјата на човештвото, нагласи претседателот на државата.

Премиерот Зоран Заев рече дека целосно се согласува и го дели  задоволството со претседателот на државата, од учеството во дефинитивно најголемата воена вежба, „Одлучен удар“, којшто се организира на еден од, како што рече, најдобрите полигони во овој дел од светот.

-Со тоа покажуваме еднаквост во партнерството со нашите сојузници, со земјите членки на НАТО. Горд сум на нашата војска заради тоа што демонстрираше денеска пред нас, високите претставници на извршната власт во присуство на претседателот на државата, но и амбасадорите, еднаква подготвеност во вежбовни активности коишто се воедначување на нивната подготвеност за мировните процеси коишто секаде НАТО ги има во светот. Горд сум на сите наши војници заради тоа што имаат и желба да се усовршуваат и унапредуват, знам дека ќе ги исполниме сите оние наши очекувања да имаме достоинствена и горда армија, којашто рамо до рамо со нашите сојузници ќе се грижи за мирот во светот и ќе продолжи да го гарантира мирот во светот, нагласи Заев.

Денешното учество на претставници на нашата армија со претставници на уште пет земји членки на НАТО, додаде, ја испраќа пораката дека сме подготвени, не само политички туку и воено, преку нашата армија, дека храбро чекориме во тој процес и дека конечно нашата земја го достигнува тоа што е стратешка аспирација – полноправното членство во НАТО, и политички и технички и армиски, што треба да биде сериозна гаранција за нашите граѓани.

 Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна дека Република Северна Македонија ќе стане набрзо триесетта членка на НАТО Алијансата, а тоа значи не само седење на истата маса, тоа значи, рече, како и денеска, заеднички вежби, заедничка обука, заедничко учество во операции со кои се гарантира и нашиот меѓутоа и светскиот мир.

-Ние денеска овде на сите скептици им покажавме дека Северна Македонија има што да и понуди на Алијансата. Има да и понуди обучени, професионални војници и офицери, и има да и го понуди и овој одличен полигон Криволак, којшто ја покажа и својата сила и својот капацитет и своите потенцијали. Сметам дека навистина на овој начин највидливо, просто визуелно покажавме дека го заслуживме своето место и дека има што допрва што можеме да дадеме, рече Шекеринска.

Таа нагласи дека најголемиот напор и најголемите комплименти навистина треба да отидат на оние илјадници војници и офицери коишто повеќе од месец дена напорно работат на оваа цел и особено на оние стотина луѓе коишто речиси две години работеа за да вежбата одлучен удар стане реалност.

-Ќе станеме членка на НАТО, денеска покажавме дека тоа го заслужуваме. Заедно сме посилни, нагласи таа, а премиерот дополни комплименти и за Генералштабот.

Микаела Швајцер Блум в.д. амбасадор на САД, рече дека денешните презентации ја покажуваат огромната сила на нашите здружени војски  и на НАТО.

-Ова е навистина импресивно. Она што го видовме денес е само мала презентација на сложената обука која се одвиваше во изминатите неколку недели, а која ќе продолжи и следниот месец. Вежбите како оваа потврдуваат дека нашите војски можат да комуницираат и работат заедно. Претходно овој месец во Нормандија претседателот  Трамп рече дека нашата Алијанса беше искалена во битка, тестирана во војна и докажана во мир. Вежбите како оваа  ја зајакнуваат нашата силна врска и сите нас не прават побезбедни. “Одлучен удар” е моќен пример за тоа како силите на Република Северна Македонија се подготвуваат да бидат сили на НАТО. Подготвени да работат со сојузничките војни сили на НАТО за решавање на идните закани. Тоа е исто така доказ дека Република Северна Македонија веќе придонесува за Алијансата. Нашите американски војници многу ја ценат оваа можност да работат заедно со нивните колеги од Република Северна Македонија и сојузничките земји. И ние ви се заблагодаруваме за организирање и планирање на оваа вежба,нагласи таа.

Директорот на вежбата, Игор Манасовски појасни дека станува збор за досега најголема комбинирана здружена вежба „Одлучен удар”. Станува збор, рече тој, за комбинирана здружена вежба со боево гаѓање на тема “Засилена механизирана пешадиска чета во напад”. Во оваа вежба се синхронизирани сите елементи на борбената моќ кои учествуваат на вежбата “Одлучен удар”, кои заедно постигнуваат ефект, поголем отколку кога истите би се користеле самостојно или секвенционално.

-Република Северна Македонија, односно нејзината армија е домаќин на сериозен бенчмарк, кој темелно и функционално, ја потврдува способноста на нашите вооружени капацитети, рамноправно да се справат со комплексноста на тековните безбедносни предизвици. Спецификата на “Одлучен удар” е карактеризирана преку повеќедимензионалната интеграција на различните копнени, воздухопловни и специјални сили од шест различни земји. Повеќе од 2.700 учесници со преку 300 моторни возила и воздухоплови, овде на оваа вежба се обединети околу следната цел. Преку постигнување и одржување на сопствената борбена готовност, да придонесат кон непречено креирање на интероперативни повеќевидовски сили за задача, способни да одговорат на секаков вид на закани, нагласи Манасовски.

Слични содржини