Претседателот Пендаровски во рамки на Самитот на НАТО во Мадрид, учествуваше и се обрати на втората сесија на состанокот на Северноатлантскиот Совет на ниво на шефови на држави и влади, посветена на партнерствата на НАТО со држави и организации на глобално ниво.
Претседателот Пендаровски го поздрави присуството на претседателите на Финска и Јужна Кореа, како и премиерите на Австралија, Јапонија, Нов Зеланд и Шведска, како и претседателите на Европскиот Совет и на Европската Комисија, додавајќи дека во овие времиња на криза, важно е да се покаже дека единството во рамки на НАТО и соработката со партнерите на глобално ниво е најголемиот адут за гарантирање на меѓународниот мир. Во таа насока, тој додаде дека покрај поддршката која ѝ се дава на Украина, важно е да се зајакнува партнерството и да се дава поддршка и на другите земји-партнери кои би можеле да се соочат со предизвици, како што се Босна и Херцеговина, Молдавија и Грузија.
Претседателот ja поздрави денешната одлука за формална покана на Финска и Шведска да се приклучат кон Алијансата, одлука што тие ја донесоа како суверени држави. Тој посочи дека политиката на отворени врати на НАТО беше комплементарна со политиката на проширување на ЕУ, што имаше позитивни ефекти за милиони граѓани низ Европа. Во таа насока, претседателот дополни дека е потребно да се забрза процесот на пристапување кон Европската унија со што ќе се придонесе за консолидирање на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.