Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Стево Пендаровски се осврна на случувањата меѓу двата круга од претседателските избори и барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ гласовите од другите кандидати да се префрлат кон кандидатката Гордана Силјановска-Давкова. Според него, тоа е „понижување на македонските гласачи“.
„Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на осми и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата. Но во меѓувреме, несигурен во тоа што го нудиш како политички концепт, да бараш од другите помош и поддршка, затоа што знаеш дека твојот кандидат, можеби нема да може да ја истера целата работа сам, е нечесно кон целиот народ и сите македонски граѓани. Јас тоа не го правам, не го правев ни пред 24 април, нема да го правам ниту до осми мај. Ќе го чекаме вечерта на осми мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква – шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред”, порача Пендаровски на митингот од Маврово.
Очекувањата на Пендаровски се дека во вториот круг ќе добие огромен број на гласови од граѓаните кои во првиот круг ги поддржале останатите кандидати, од кои мнозинство, како што рече, се блиски до она што го застапува и пропагира тој. Не ја исклучува и можноста за победа на претседателските избори.
Тој пред присутните посочи дека во изминатите години и тој и другите членови од власта покажале, низ примери што значи вистинска грижа за сите граѓани, без разлика на каква била нивна определба.
„Никој не бил дискриминиран по ниту еден основ, ниту од мене ниту од кој било друг, премиер, министер, градоначалник. Во нивно време беше поинку и сега сакаат да ја вратат таа стара политика. Затоа ве повикувам, на осми мај повторно со заокружување на бројот еден, да ја потврдите победата од првиот круг во ова населено место, а потоа и да ја донесеме победата во целата држава“, повика Пендаровски.
-Изборните резултати се јасна порака до народот дека ДУИ и СДСМ се поразени и делегитимирани, рече вчера претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител во првата изборна единица Христијан Мицкоски.
Логично е вели Мицкоски идната влада да ја формираат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „ВЛЕН“, но очекува поддршка и од Максим Димитриевски за кандидатката Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори.