Пендаровски: Платени сме од граѓаните да комуницираме, а не да тераме личен каприц

од Andreja Salpe
230 прегледи

Шефот на државата Стево Пендаровски денеска по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека истата била во насока на повторно воспоставување на политички дијалог.

Тој вели дека за една демократија не е својствено да постои прекин на комуникациите помеѓу институциите.

„Платени сме од граѓаните да комуницираме, а не да тераме личен каприц. Средбата беше на барање на Мицкоски и во телефонскиот разговор тој бараше да разговараме за проблемите и предизвиците со кои се соочуваме последнава година. Јас го информирав за тоа што се случува во однос на блокираните евроинтеграции и му реков дека од Софија не доаѓаат никакви новости поради нивната ситуација со закажувањето на нови избори и му кажав што за целата ситуација мислаат нашите европски пријатели во Брисел“, порача Пендаровски.

Претседателот посочи дека во врска со настаните во Собранието од 27 април го повторил својот став за тоа дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во Европа не доаѓа во предвид, затоа што нивната вина во овој процес неспорно била утврдена во судскиот процес.