Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Алејата на великаните на Градските гробишта Бутел во Скопје, положи свежо цвеќе на гробот на поранешниот претседател Киро Глигоров, по повод 10 – годишнината од неговата смрт.
Киро Глигоров ќе остане запаметен како активен учесник во најважните процеси за политичко осамостојување на нашата држава. Со своите лидерски способности, умереност, мудрост и дипломатија даде исклучителен придонес за меѓународно признавање и етаблирање на земјата и го отвори патот за исполнување на стратешките цели.
Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во Скопје во својот дом на 94-годишна возраст.
Беше најстариот македонски политички функционер. На 17 ноември 1999 година, кога заврши неговиот втор претседателски мандат, тој имаше 82 години, а во 2000 година Гинисовата книга на рекорди го забележа Глигоров како најстар претседател на држава во светот.