Пендаровски помилува пет лица, меѓу кои и осуденик за настаните од 27. април

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски донел одлука за потполно помилување на едно лице и делумно на четири лица, информираа од Кабинетот на претседателот за „Локално“. Од таму испратија и копија од одлуката објавена во Службен весник.

-Потполно се ослободува од понатамошно извршување на казната затвор Александар Трајан Петровски од Скопје. Делумно се ослободуваат од понатамошно извршување на неиздржаниот дел од казната затвор осудените лица: Неџмедин Расим Матоши од Скопје во траење од четири месеци, Димитар Милија Мишков од Скопје во траење од три месеци, Абдуљфета Амид Алими од с. Оризаре Општина Липоково во траење од осум месеци и Џафер Џемаиљ Небија од с. Арачиново во траење од пет месеци, стои во одлуката, која стапила на сила од вчера.

Од Кабинетот на Пендаровски додаваат дека Министерството за правда доставува предлози за помилување до Кабинетот на претседателот.

-Комисијата за помилување, како работно тело на претседателот ги разгледува и проценува предметите и му доставува предлози на претседателот кои лица да бидат помилувани согласно законските основи. Во однос на помилуваните лица, за кои е објавена одлуката во Службен весник, вклучително и Абдуљфета Алими, се лица кои ги исполнуваат условите и за кои Комисијата дала позитивна препорака, соопштија од Кабинетот за „Локално“.

Абдуљфета Алими беше осуден на 7 години затвор за настаните од 27 април 2017 година затоа што му ги дал клучевите од собраниските врати на Горан Ѓошевски (началник на личното обезбедување на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски). Алими тврдеше дека само постапувал по наредба.

Н.П.

Слични содржини