Пендаровски: Правосудните органи да ги расчистат сите пријавени случаи за правдата да биде задоволена

од Nikola Popovski
270 прегледи

Анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите. Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги. Посебно треба да не загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред се и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, изјави претседателот Стево Пендаровски на конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација насловена „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата“ што се одржа во Скопје.

Тој потенцира дека спречувањето и заштитата од дискриминација не е обврска само за Комисијата, туку и на секоја државна институција која треба да даде пример во таа насока.

-Институциите, особено правосудните органи, треба да придонесат кон овој потфат со тоа што ќе ги расчистат сите пријавени случаи за правдата да биде задоволена. Ги повикувам и граѓанските организации и активисти да бидат уште погласни и да укажуваат секогаш кога некоја од ранливите групи сограѓани се соочува со некаков вид на дискриминација. Се разбира, свој придонес треба да даде и бизнис секторот кој треба да ги сузбива случаите на дискриминација во нивната работа кога и да се појават, рече Пендаровски.

Додаде дека минатата година, Кабинетот на претседателот со Комисијата потпиша Меморандум за соработка, со цел, да ги координира активностите за заштитата, и целосното и еднакво уживање на човековите права и слободи за сите граѓани на Северна Македонија.

-Во Рамката за развој МКД2030, еден од приоритетите е инклузивниот развој кој го стеснува просторот за дискриминација по било која основа и подразбира почитување на човековите права во сите сектори. Тоа значи системско вградување на меѓународните стандарди и норми, градење на подобра социјална кохезија, обезбедување на бесплатна правна помош за ранливите категории и развивање на функционални механизми за овозможување на родовата еднаквост во земјата.

Сите ние се раѓаме слободни и еднакви со вродено човеково достоинство. Водени од принципите на правдата и правичноста да се стремиме да градиме општество во кое и најранливите меѓу нас ќе ги уживаат човековите права и слободи. Да живееме едни со други независно од нашите разлики, во фер општество и фер држава која ќе понуди еднакви можности за исполнет, среќен и достоинствен живот за секој од нас, истакна Пендаровски во говорот.

Слични содржини